Lake Ohrid, Macedonia - GUWAA Clean up Day - TV Report
Macedonian TV about 1st Global Under Water Protection and Clean up Day Нуркачи од Скопје, Охрид, Струга и Битола и Сојузот за подводни активности денеска на иницијатива на спелеонуркачкиот клуб Врело заеднички го чистеа Охридското Езеро од отпад, со што Македонија се приклучи кон Првата синхронизирана глобална подводна акција за чистење на водите, која се одвиваше во дваесетина земји низ целиот свет. Со акцијата беше опфатено крајбрежјето во должина на кејот во центарот на Охрид, од каде беше извадена поголема количина најразличен цврст отпад. Беа извадени гуми, пластични шишиња, лименки од пијалоци, тенџериња и многу крупен и ситен пластичен и железен отпад. Во оваа прва глобална акција за чистење, која ја предводеше клубот како дел од програмата на Првата Глобална Подводна Асоцијација „GUWAA" (Global Under Water Awareness Association) учествуваа и нуркачкиот центар „Амфора", клубот за подводни дејности „Охрид", „Нуркач" од Струга, „Канео" од Битола и Сојузот на подводни активности на Македонија. „Им благодарам на сите нуркачи кои се вклучија во оваа акција и на сите волонтери кои овозможија да се реализира овој голем настан. Заедно успеавме да ја реализираме зацртаната цел, а тоа е промовирање на систематско и организирано чистење на водите во светот, како и подигнување на свеста и едуцирање на пошироката јавност, посебно младите генерации, за важноста на зачувување на животната средина", вели Киро Ангелески, претседател на „Врело". Во оваа еколошка акција покрај македонските нуркачи, синхронизирано се чистеа и крајбрежјата на 35 земји во светот, меѓу кои и Хрватска, Словенија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Монако, Франција, Италија, Белгија, Германија, Шведска, Данска, Финска, Швајцарија, Англија и САД. -Акцијата е успешна, извадивме нешто пластика, гуми, а златото го оставивме да стои на страна, изјави по малку на шега Киро Ангелески, претседател на „Врело". Повеќе вакви акции изминатите години самостојно имаат организирано охридските нуркачки клубови, при што од езерото беа подинати неколку тони најразличен отпад. Тоа според нив треба да ја загрижи целокупната јавност и да ја разбуди еколошката свест кај населението. -Да послужи тоа како порака до граѓаните на Охрид, но и до посетителите, да не се фрла ѓубре во водите на Охридското Езеро, да биде тоа место каде ќе можат да уживаат, рече Васко Николоски од Нуркачкиот центар „Амфора" од Охрид. Нуркачите предупредуваат и на големата загаденост на реките, особено во Западниот дел од земјата, каде, како што велат има огромни количини цврст отпад, кој тешко може да се отстрани без широка акција во којатреба да бидат вклучени јавните комунални претпријатија, еколошките друштва и локалното население.