Шекеринска: Како Мијалков само според пријавеното заработил екстра 1,6 милиони евра за 5 години?

01.11.2013
Излагање на Радмила Шекеринска, заменик претседател на СДСМ и пратеник, пратенички прашања, Собрание на РМ Семејниот имот на Сашо Мијалков за овие 5 години пораснал за нешто повеќе од 1,6 милиони евра. И тоа само пријавениот имот. Односно од 1,1 милион евра во 2008 година, пораснал на 2,7 милиони евра во 2013 година. И повторно ќе нагласам, ова се само податоци од пријавениот имот на Мијалков, објавен на веб страната на Државната комисија за спречување на корупцијата. Дали знаете господине Груевски дека вашиот братучед Мијалков, кој е државен функционер, пријавил имот само по основ на часовници и семеен накит, од верувале или не, 500 илјади евра?! И уште дополнителни 300 илјади евра само за слики?! Мијалков пријавил дека земал половина милион евра по основ на продажба на основачки влог на фирма и уште половина милион евра на продажба на сопственички удел во странска фирма. Ама, како е возможно во Анкетниот лист во 2008 година истиот функционер да пријавил еден сопственички удел и тоа само во домашна фирма. И како е можно денеска тој да тврди дека земал нецели 1 милион евра од продажба на удел на две фирми, а во исто време во денешниот Анкетен лист да пријавува дека сеуште е сопственик не на една или две, туку на четири фирми. Значи вака е математиката: Имал една фирма, продал две, а денеска е сопственик на четири фирми. Кажете ми господине Груевски каква е оваа ДПМНЕ математика? Кој е тој бизнис кој на Мијалков, само на приватна сметка и само на лично пријавениот семеен имот, секоја година му носи над 19 милиони денари чиста заработувачка. Кој е тој бизнис би било добро да се знае во сиромашна Македонија? Кој е тој бизнис кој на Мијалков му носи само според пријавеното околу 1000 евра dnevno лична заработувачка? А, притоа зборуваме за човек кој е државен службеник! Кој е тој бизнис со кој во Македонија и во странство се занимава директорот на тајната полиција, а кој му овозможил за така кратко време да си го дуплира своето богатство? Кој е тој бизнис којшто го води првиот братучед , којшто му овозможил за кусо време да пријави дополнителен имот од 1,6 милиони евра? Второто прашање кое го имам до премиерот Груевски е да не информира каде точно живее директорот на тајната полиција на Македонија. Дали е тоа улицата „Славејко Арсов"? И како е возможно директорот на тајната полиција и Ваш братучед да живее во стан, куќа или зграда што не му е пријавен во анкетниот лист или во некој друг официјален документ?

Похожие видео